Monday, September 21, 2009

Мултимедија


Зборот мултимедија го користиме кога зборуваме за информации за чија перцепција истовремено користиме повеќе сетила од причина што користат различни медиуми низ кој се шират и во кои егзистираат. Мултимедија е множество што го сочинуваат текст, звук, графика, видео и анимации. Секој од овие елементи е наречен мултимедијален елемент. Тоа се облици на мономедиски записи, секој со свое место во различни подрачја на делување на компјутерите, од Web страниците до програмските пакети наменети за игри или учење..

Позитивни ефекти на мултимедијата:
- привлекуваат внимание
- поголемо ниво на интерес, мотивираност и задоволство
- подобро помнење и можност за примена на знаењата во нови ситуации
Поделба на мултимедијалните елементи:
- текст
- звук
- графика
- видео
- анимација

Мултимедијален систем е компјутер што од надворешниот свет ги прифаќа податоците од множеството мултимедија.

Општа шема на мултимедијален систем :


влезни податоци во аналогна форма --> аналогно -дигитална конверзија --> обработка и меморирање на податоците --> дигитално - аналогна конверзија --> излезни податоци во аналогна форма

Компјутерските програми способни за истовремена обработка и презентирање ма мултимедијални податоци се наречени мултимедијални апликации. Тоа се : компјутерските игри, енциклопедии, образовни програми итн.
Документите кои содржат повеќе видови податоци до кои пристапот е директен или индиректен преку посебни врски - хиперврски (hyperlinks) се наречени мултимедијални документи.
Хиперврските ( хипертекст и хипермедија) се корисни за истражување, пребарување на информации.
Најголема библиотека од мултимедиски апликации и документи е Интернет каде тие се поставени во т.н. Web страници (креирани на посебен програмски јазик HTML- HyperText Markup Language).

Хардверот треба да се прилагоди кон потребите на мултимедиумските апликации (, тврд диск со голем капацитет, поголема меморија, побрз процесор, квалитетна графичка и звучна картичка, звучници , микрофон , видео камера и други дополнителни елементи ( посебни наочари , кациги итн.)
Мултимедијалните системи се состојат од различни типови податоци кои можат да се категоризираат во две групи:
  • статични (текст и графика)
  • динамични (видео, анимација, звук)
  1. Прашања:
    1. Кои се основни елементи на мултимедијата?
    2. Што се мултимедијални датотеки?
    3. Каква опрема е потребна за работа со мултимедијални датотеки?
    4. Наведи неколку апликации за работа со мултимедија?
  2. 5. Типови податоци во мултимедијалните системи?
  3. 6. Наведи формати на запис кај различните типови податоци.

Етика на Интернет и заштита на интелектуалната сопственост

Како треба ( етички) да го користам Интернет ?
Како да се однесувам?
Да се биде паметен на интернет значи да се биде внимателен и да се побара помош доколку е потребно. Да се стекнат добри навики за користење на интернетот кои ќе се прифатат и негуваат во иднина. Целта не е да се забрани користењето на интернетот со надеж дека така децата ќе бидат безбедни. Тоа не само што ќе има сосема спротивен ефект, туку и ќе им затвори еден досега невиден „прозорец“ кон светот на информациите од сите можни области. Ако на децата им кажете „никогаш немојте да ги користите можностите на интернетот затоа што на интернет постојат и бројни опасности“, ризикот е дека ќе сакаат да ги користат што повеќе и тоа на неправилен начин. Целта е да ги подучите правилно да го користат - дури тогаш безбедно ќе ги користат благодетите на овој прекрасен медиум. Најважно е децата да сфатат дека треба да се однесуваат одговорно додека се на интернет.
Трите главни ризици се:
Несоодветни контакти
Несоодветни содржини
Несоодветно однесување
Образложи !!!


Wednesday, September 16, 2009

Информатичката технологија во глобалното општество

Размисли и одговори !!!
  1. Што подразбираш под етичко однесување при работа во компјутерска средина?
  2. Наведи некои прекршувања на компjутерската етика
  3. Кои се најчести причини за прекршување на етичките норми?
  4. Какви штети можат да предизвикаат компјутерските вируси
  5. Дали смее да се користи авторизиран софтвер без дозвола?
  6. Се наоѓаш на некоја од социјалните мрежи. Разговараш со непознат или познат пријател. Опиши го вашето однесување ( своето и на пријателот/ пријателот)
  7. Што значи терминот дигитален ?
Етика (grč.ethos) - обичај, навика, карактер
Морал - множество на непишани правила и обичаи кои ги дефинираат меѓучовечките односи и не учи што е добро, а што лошо.
Моралот е во некоја смисла објективен и се наоѓа во облик на општествена свест, систем на обичаи, навики, норми. Настанал како барање на општеството за одредено однесување, односно дефинирање на принципи за тоа какво треба да биде однесувањето. Тој е релативен, не е ист во сите општествени групи и историски периоди. Сличен е на законот, но за разлика од него нема ниту политички ниту економски санкции, туку се потпира на свеста на поединецот и општеството.
Општеството во кое живееме се нарекува информатичко општество поради круцијалната улога на ИТ во него. Виртуелната реалност дава можност за постапки кои порано можеа само да се замислат. Но, новите можности истовремено создаваат и нови облици на општествени опасности. Информатичкото општество веќе се соочува со фундаментални етички и морални проблеми, чија сложеност и глобални димензии рапидно се зголемуваат. Се зголемува и полето на високотехнолошкиот криминал. Компјутеризација на средината во која работиме и живееме неминовно води кон менување на навиките и начинот на однесување.Во такви услови се наметнува и потреба од дефинирање на некои правила зa однесување на поединците при работењето во компјутерска средина. Во таа насока современиот образовен систем ја вклучува етиката се со цел поучување на учениците на етичко и коректно однесување при користење на ИТ.
Често отсуството на етаблирани критериуми на вреднување не наведува на тоа дека компјутерската етика поминува низ еден формативен период и стануваме сведоци на создавањето на нова област на примена на етиката која од ден во ден станува се позначајна.

Кои се најчести причини за прекршување на етичките норми?

Основна причина кога човек работи со компјутер е чувството на неприкосновеност . Многу луѓе не ги сметаат за сериозни престапите од типот : пуштање компјутерски вируси, нелегално користење и копирање софтвер, недозволено влегување во туѓ компјутер итн.

Последиците од неетичко користење на ИТ може да бидат многу штетни и опасни како за поединците така и за општеството во целина.

Институтот за компјутерска етика во Вашингтон ги поставил следниве правила:

- Не користете го компјутерот за да повредите други луѓе.
- Не ставајте го носот во туѓи датотеки.
- Не користете го компјутерот за да крадете
- Не користете го компјутерот за давање лажни докази.
- Не копирајте и не користете недозволено авторизиран софтвер.
- Не користете туѓ интелектуален призвод.
- При пишување и користење на програма или при проектирање на систем постојано треба да се мисли на можните социјални последици од нив.

Основни области во компјутерската етика:
1.Софтверско пиратство
2.Сопственост-почитување на сопственоста.
3.Кражба на софтверски производи и услуги
4.Кражба на податоци.

Типични нарушувања на компјутерската етика се:
- Користење туѓи датотеки и лозинки.
- Користење на компјутерски вируси и други програми кои се уништувачки за хардверот и софтверот.
- Испраќање на материјал со вулгарни и навредливи содржини по Интернет.
- Користење на софтвер заштитен со авторски права ,без дозвола .

Проблеми поврзани со рамноправноста
Денес, и покрај бурниот развој и ширење на електронските комуникациски мрежи и информатички технологии, многу луѓе, социјални слоеви, географски региони и земји имаат многу помал достап до информатичките технологии и соодветно помалку ги искусуваат благодетите од овие технологии. Оваа разлика, е позната под името ”Дигитален јаз”, и се прават огромни напори овој јаз да се премости .
Дигиталниот јаз постои и помеѓу регионите во една иста земја, помеѓу градовите, селата и луѓето.
Од едната страна на тој сегашен "дигитален јаз" се повторно оние кои не само што поседуваат материјални богатства, туку знаат и максимално да ги искористат сите ресурси, а на другата страна се оние кои што заостануваат на полето на информациите и знаењето, затворени во себе и изолирани од сите достигања на современата наука.
Нерамноправно користење на информатичката технологија се нарекува дигитален јаз.
Со зголемување на употребата на компјутерите се отвараат проблеми со рамноправноста, што посебно се однесуваат на следниве три групи ученици
  • девојчињата
  • децата со понизок социо - економски статус
  • децата со средни или послаби способности

Образложи !

Информатичката технологија во образованието
Размисли и одговори !!!
  1. Кои позитивни , а кои негативни особини може да ги развие компјутерот кај ученикот?
  2. Кога, како и каде треба да отпочне воведување на ИТ во образованието ?
  3. Кои се предностите на компјутерот во однос на другите медиски средства?
  4. Личноста се формира во услови на различни видови активности : игра, учење, работа. Какво е влијанието на компјутерот во секоја од наведените фази на развој ? Како влијае врз развивањето на различни квалитети на личноста

ИТ и компјутерската техника не се преодни појави.Тие имаат трајно место во животот и работењето на современиот човек.
Тие имаат влијание врз формирањето на нови карактеристики на личноста и тоа:


ДОБРИ- развој на фантазијата , логичко мислење , чувство на хармонија и убавина итн.
ЛОШИ- нечовечност , насилство , жестокост итн.

КОГА , КАДЕ и КАКО да се организира користењето на информатичката технологија во образованието?
ПРВА тенденција – Образованието да се организира и да се прилагодува во согласност со можностите на ИТ.
ВТОРА тенденција- Организација на образованието во согласност со специфичните барања на образовниот систем.

Практично - компјутерската техника и информатичката технологија треба да се вклучат во целата структура на образовниот систем почнувајќи од предучилишните установи па се` до високото образование.
При тоа потребно и неопходно тие да се адаптираат кон особеностите на образовниот систем во замјата.